Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело ,,фалсификување исправа” и против Г.С.(50) и Ж.Т.(48), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата”.
Првопријавениот Г.С., во својство на доверител, на 09.12.2014 година поднел Барање за спроведување на извршување до извршител за наплата на парично побарување по однос на пресуда од Основен суд Скопје 1, донесена на 13.09.2013 година, за надомест на нематеријална штета во износ од 350.000 денари.
Притоа, тој го прикрил фактот дека должникот Ј.Ј. веќе исплатил дел од долгот во износ од 160.000 денари и направил Барање за извршување во кое не информирал за намалување на долгот. Второпријавениот Г.С., иако бил информиран од првопријавениот дека претходно постапката ја водел друг извршител, тој не побарал известување до каде е постапката со извршувањето и дали е реализиран одреден износ од првичното побарување. Тој ја продолжил постапката за наплата на долг од 350.000 денари со предлог за извршување со продажба на недвижен имот.
На тој начин второпријавениот сторил повреда на извршната постапка во делот на известувањето на должникот, како и во делот на избор на средствата, односно имотот врз кој ќе се спроведе извршувањето постапувајќи спротивно на член 4 и член 5 од Законот за извршување и извршувањето го спровел продавајќи го неговиот недвижен имот, иако можел да го стори со наплата на побарувањето од редовните примања на должникот.
Третопријавената Ж.Т., во својство на службено лице вработено во Агенција за катастар на недвижности-Скопје, постапила делумно по претходно доставено барање за промена на сопственик на недвижност, поднесено од Ј.Ј. и неговата сопруга Д.Ј..
Врз основа на Договор за подарок на недвижен имот – стан во населба Аеродром и земјиште во Ѓорче Петров, имотот требало да се запише на име на нивниот син М.Ј.. Во агенција за катастар, пријавената Ж.Т. делумно го спровела овој договор, односно само делот за станот, но не и за земјиштето во Ѓорче Петров. Тоа довело, подоцна овој недвижен имот на 26.07.2016 година да стане предмет на извршување во извршна постапка поведена кај второпријавениот извршител Г.С..