Трет натпревар по ред Лионел Меси пишува историја, откако против Еибар го даде 400. гол во Ла Лига, а против Леганес ја достигна бројката од 800 голови и асистенции во дресот на Барселона.
Ернесто Валверде воопшто не планираше да го внесе во игра, исто како и Иван Ракитиќ, туку да ги чува за првиот натпревар од четвртфиналето од Купот на кралот во среда против Севилја.
Но, откако ситуацијата стана покомплицирана со изедначувањето на 1:1 во 57-та минута, тренерот на Барса ги внесе и Ракитиќ и Меси.
Откако Луис Суарез ја врати предноста на Каталонците во 71-та минута, Меси во судиското продолжение го постави конечниот резултат од 3:1.
Со овој гол Аргентинецот стана најдобар стрелец во Ла Лига во натпревари во кои влегол како замена. Ова му беше 22. ваков гол во лигата – никој нема дадено толку голови од 2000 година.
Вкупно гледано, ова му беше 76-ти натпревар за Барселона на кој влегол од клупа, а на сите нив постигнал 34 голови и пет асистенции.