Наставник од основно училиште во Шибеник утрово ја заклучил влезната врата и останал сам во празната зграда со порака за извинување до децата и објаснување дека едноставно не може да постапи поинаку.
Портпаролката на полицијата во Шибеник потврди дека добиле порака оти човек бил заклучен во основното училиште „Бродарица“ во градот.
Таа рекла оти било утврдено дека станува збор за 49-годишен маж кој ѝ се предал на полицијата и по инцидентот бил однесен на информативен разговор.
Агенцијата „Танјуг“ повикувајќи се на хрватските медиуми пренесува дека засега не е точно познато што наставникот сакал да постигне со овој потег, но се чини дека станува збор за конфликт помеѓу училишниот персонал.
Неофицијално, на наставникот му се заканувала смена од училишниот одбор бидејќи гласал за претходниот директор, а не за новопоставениот од кој наводно трпел мобинг.