Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува вербалната закана за убиство упатена кон новинарите и уредникот на 1ТВ Ацо Кабранов од страна на бизнисменот Зоран Азманов. Овие закани претставуваат брутално кршење на правата на новинарите и обид за цензура во медиумите кои се обидуваат критички да ја опсервираат работата на бизнис заедницата.
Бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Македонија активно да го следат овој инцидент во насока на брза разрешница. Само со строга санкција на нападите и заканите може да се спречи дополнително насилство кон новинарите.
Повторно потсетуваме дека доколку граѓаните сметаат дека медиумите известуваат непрофесионално на располагање ги имаат Советот на честа при ЗНМ, како и Советот за етика во медиумите. Медиумската саморегулација е најдобриот начин да се заштитат граѓаните од евентуално непрофесионално новинарство и непринципиелна работа на медиумите.