Приватно обичен човек кој се води по хуманите и човекови принципи. Достоинствен родител на Хана и Трим и сопруг на Улка, се обидува неговото семејство да се изгради врз основа на здрав дух и вистински размислувања во сè. Несомнено, семејството е од централно значење за неговите планови, бидејќи нема друг успех кој може да го надомести чувството кое му го дава семејството. Тоа чувство го охрабрува да биде поуспешен и реализиран и во работата. Вака за 24 инфо се опишува себе си министерот за економија Крешник Бектеши. Вели дека и покрај неговата работа како министер, се труди да не отсуствува во моменти кои треба да се поминат со семејството и да ја врши улогата на татко на најдобар можен начин, бидејќи семејството за него претставува извор на храброста и волјата за работа . Од друга страна, среќен е што е опкружен со многу пријатели и максимално се труди да им остане верен на заедничкото време за дружење.
За време на моето патување низ животот се обидувам да го направам најдоброто, иако моето добро не е секогаш доволно. Во мојот принципиелен став за да ги постигнам моите цели несомнено дека имав и одредени пречки, но ценам дека отсекогаш сум имал компромис со себе си да го постигнам она што го замислувам како желба или план, а сето тоа е возможно со напорна работа и посветеност. Во професионална смисла, покрај многуте цели и стремежи што сум ги имал, сметам дека за многу од нив постигнав извонредени достигнувања и лично ја оставам 2018 година зад себе со многу запечатени успеси за доброто на граѓаните, кои реално се оние кои ќе ја оценат најдобро мојата работа- вели Бектеши.
Објаснува дека според него секогаш постои простор да се направи повеќе и затоа секогаш прифаќа да се соочи со различни предизвици за подобра иднина. Приватно е скромен и среќен бидејќи е здрав и има прекрасно семејство, а сѐ друго е релативно. Се стреми секогаш кон најдоброто. Вели едноставно, се чувствува удобно во сопствената кожа.
–Мене како човек ме прават среќен малите нешта, работите што прават малку бучава, реципроцитетот што го добивам во благодарност, љубов, почит и доверба. Доживувањето на овие човечки вредности кои се трудам на еднаков начин да го споделам со другите и остварувањето на целта да бидам клуч за едно здраво семејство, за мене има значење на целосна среќа. Имајќи предвид дека моето време за активности и хоби е малку ограничено, единствено останав фанатичен фудбалски фан. На помлада возраст многу играв фудбал, сега се обидувам да го задржам истото темпо, бидејќи сметам дека физичката активност треба да биде дел од нашето секојдневје за подобар и здрав живот- објаснува првиот човек на Министерството за економија.
Се очекува да стапи на сила новиот Закон за енергетска ефикасност. Што ќе значи ова за граѓаните, а што за фирмите?
-Според новиот Закон за енергетска ефикасност граѓаните ќе имаат бројни бенефиции. Тие ќе можат да користат услуги за енергетски подобрувања во своите домови, со ангажирање на ЕСКО компании со кои ќе склучат договор, при што за тоа нема да имаат потреба да се задолжуваат со кредити или да прават инвестиции. ЕСКО компаниите ќе гарантираат пред граѓаните дека со спроведените мерки за енергетска ефикасност, потрошувачката на енергенси ќе се намали, при што за времетраење на договорот потрошувачите ќе ги исплаќаат енергетските подобрувања преку сметките за енергенсите, кои вообичаено не треба да бидат повисоки од сметките кои ги плаќале претходно, поради што граѓаните треба да се одлучат на ваков чекор.
Како и досега, и по донесување на новиот Закон, ќе продолжи можноста за користење на поволни кредити од комерцијалните. За правните субјекти, според новиот Закон, предвидена е обврска за енергетска ефикасност при пренос и дистрибуција. Имено, сите оператори на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија се обврзани да спроведат проценка на потенцијалот за енергетска ефикасност на нивните. Проценката мора да содржи мерки и инвестиции за постигнување на трошковно ефективни енергетски подобрувања и временска рамка за подобрување.
Големите претпријатија се должни да докажат дека остваруваат заштеди, и тоа на два главни начина: да воведат енергетски менаџмент во потрошувачката на соодветниот енергенс (според ISO 50001 во претпријатието ) или на секои четири години да спроведуваат енергетска контрола. Постои можност да вработат енергетски контролори или да докажат дека ги исполниле условите ако енергетската контрола е дел од поширирок систем за управување со ризици по животната средина.
Освен за нови згради, сертификат за енергетски карактеристики на зграда ќе се издава и за постојни згради или делови на згради кои се предмет на продажба или закуп (важи за сите згради над 50 м2) при што постојат исклучоци како, на пример, ако се верски или ако се заштитени како културно наследство и др.
Колкав е интересот за субвенции за печки на пелети и дали сите кои поднесоа документи добија пари?
Постои голема заинтересираност од страна на граѓаните за купување на печки на пелети за затоплување на своите домови, со што и бројот на поднесени барања за нивно субвенционирање е доста голем. Годинава беа поднесени околу 2.000 барања, а субвенционирани беа 642 домаќинства, согласно обезбедениот буџет, а доделувањето на поддршката на домаќинствата, како што беше наведено и во јавниотн повик, беше по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Колку пари се предвидени за годинава за оваа намена и дали се повеќе од лани?
За реализација на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година предвидени се вкупно 20.000.000 денари за оваа намена, што е за 6.000.000 денари повеќе од првично одобрените средства во Буџетот на РМ за 2018 година, односно пред рабалансот, кога обезбедивме дополнителни 7.000.000 денари за оваа намена.
Колку малите и средните претпријатија се заинтересирани за грантовите кои ги дава министерството?
Мерките за финансика поддршка на малите и средни претпријатија кои се реализираат преку Министерството за економија, односно преку годишната Програма за конкурентост, иновации и претприемништво наидуваат на голем интерес од страна на малите и средните претпријатија. Може да се каже дека најголем е интересот за мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, но не помал е интересот и за останатите мерки, како што се: финансиска поддршка за женско претприемништво, субвенционирање на занаетчиите, надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за стандарди за квалитет (ISO и ХАЛАЛ стандард), кофинансирање на претпријатија за дел од трошоците за купување на опрема, инструменти, алат кои ќе послужат и ќе се користат исклучиво за обука, настава на лица за стекнување на занимања, кофинансирање на дел од трошоците за едукација на вработените лица, поддршка на консултантски услуги за решавање на „тесни грла“. Потврда за големиот интерес е бројот на пристигнати апликации од МСП по јавните повици за мерките од Програмата за 2018 година кој изнесува 300 апликации. Споредено со претходната 2017 година, кога имаше 150 апликации од малите и средните претпријатија по мерките од програмата, може да се констатира дека нивниот интерес за финансиската поддршка од страна на министерството бележи значаен пораст.
Се зголемуваат посетите на странските туристи во земјава. Дали министерството работи на нови проекти поврзани со туризмот?
Во последниве години покажавме дека туризмот е еден од главните приоритети, а сите вложени мерки во неговиот развој даваат позитивен резултат: постојано зголемување на бројот на странските туристи и бројот на туристите и ноќевањата севкупно. Според податоците на НБРМ, приливот на девизи во периодот 2017 година во однос на минатата година е зголемен за околу 20%. Бројот на туристи од соседните земји е исто така зголемен, па бројот на туристи од Бугарија се зголеми за 24,3 отсто, од Грција 11 отсто, а од Турција дури за 23 отсто. Од европските земји постојано зголемување на бројот на туристи имаме од Холандија, Полска и Романија.
Сите мерки за поттикнување на туристичкиот развој и промоција на Македонија како туристичка дестинација се преземаат од страна на Министерството за економија, како креатор на политиките во туристичкиот сектор и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет и субвенционирањето на авионските летови на нискотарифните компании се покажа како исклучително добра мерка, која ја продолживме и за 2019 година, но работиме на изнаоѓање на решение за измена на моделот на субвенционирање на странски организиран туристички промет за 2020 година. Идејата е да се предложи модел кој што не само што ќе ги мотивира туроператорите да носат туристи, туку ќе ги мотивираме и хотелиерите да инвестират во подобрување на квалитетот на услугите, како и кон зголемување на самата категорија на хотелите.
Што да очекуваме ново од вашиот ресор годинава, закони, проекти…
Превидени се многу новини како дел од секторските политики на Министерството за економија. Така, во енергетиката е планирано донесување на Стратегија за развој на енергетика за период до 2035 година, Стратегија за енергетска ефикасност, Стратегија за реновирање на згради до 2050, годинаспоменатиот Закон за енергетска ефикасност, Закон за биогорива во кој се транспонираат одредби за биогорива од директивата 2009/28, планираме донесување на неколку уредби и одлуки во делот на енергетиката со цел утврдување на националните задолжителни цели за учеството на енергија произведена од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија и националните задолжителни цели, за учеството на енергија произведена од обновливи извори во финалната потрошувачка на енергија во транспортот, за мерки за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, за вкупната инсталирана моќност на повластените производители, квалитет на течните горива и сл., бројни правилници. Меѓу програмите од енергетскиот сектор би ги издвоил Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија, Програмата за промоција на ОИЕ…Од останатите активности, предвиден е и нов Закон за стечај во соработка со IFC-групација на Светска банка, како и спроведување на испити за овластени стечајни управници.
Во делот на туризмот ќе продолжиме со проектот за работници со ниски приходи кој придонесе да се зголеми бројот на домашни туристи за 15 % во последната година, а во Програмата за развој на туризмот предвидовме 20 нови мерки кои сметаме дека ќе придонесат за подобрување на туристичката понуда. Од нив би ги издвоил Подготовка на бренд стратегија за туризам преку субвенционирање на десет општини за изработка на локални стратегии за развој на туризмот, едукација и тренинг обуки во туризмот и угостителството, ЕКО акција и кампања за чистење на туристичките центри низ државата, организирање на Меѓународна конференција за туризам, иззготвување на Студии за Вински и СПА туризам, субвенции за туристички цели на селски домаќинства.
Исто така работиме на измена на законската регулатива во туристичката и угостителската дејност за да ги елиминираме слабостите кои сме ги детектирале заедно со приватниот сектор, сѐ со цел намалување на сивата економија и коректен настап на сите чинители во туризмот.
Во делот на поддршка на малите и средните претпријатија во Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 обезбедивме над 53 милиони денари, со нови мерки и зголемени износи во нив, а овој буџет континуирано го зголемуваме. Да потсетам, минатата година тој износ беше 47 милиони денари, а кога дојдов на чело на министерството оваа програма имаше едвај 10-тина милиони денари, па со ребалансот обезбедив дополнителни 25 милиони. Годинешнава Програма содржи 4 дела: МСП, Индустриска политика, Кластерско здружување и нов дел – Општествена одговорност. Ете тоа би биле најатрактивните новитети кои се веќе планирани како дел од политиките на Министерството за економија за 2019 година.
Валентина Ангеловска