Поранешниот учесник во претседателската трка во САД од Демократската партија Берни Сандерс, има намера да учествува на изборите за претседател во 2020 година, јави порталот „Јаху Њус”.
Повикувајќи се на извори запознати со плановите на Сандерс, порталот додава дека 77-годишниот сенатор од Вермонт ќе ја објави својата номинација мошне скоро. Сандерс размислувал за ова неколку месеци.
Според еден од изворите, Сандерс е охрабрен од најновите испитувања на јавното мнение според кои тој е еден од најпопуларните политичари во земјата. Бил посебно охрабрен за поддршката што може да ја добие од јужноамериканците и од црномурестото население.
– Сенаторот сега го има тоа што недостасуваше минатиот пат – голема популарност помеѓу избраните политичари бидејќи до почетокот на изборната кампања во 2016 година тој не беше нашироко познат, вели еден од изворите.
На изборите во 2016 година Сандерс беше главен конкурент на Хилари Клинтон во трката за номинација од Демократската партија.
Сандерс можеше да го победи Доналд Трамп ако демократите го номинираа него за претседателски кандадидат, а не Клинтон, објави „Хафингтон Пост” после изборите во 2016 година цитирајќи резултати од анкета. Според оваа анкета, 56 отсто од избирачите би гласале имено за Сандерс, а не за тогаш веќе избраниот Трамп.
Сенаторот е посебно популарен помеѓу независните избирачи кои себеси не се идентификуваат со ниту една партија.