Министерот за надворешни работи, Никола Димитров на денешната собраниска седница за негова интерпелацација своите постапки ги оцени како победнички за дипломатијата зашто, според него, биле решени децениски спорови во кои Македонија не изгубила ништо.
„Нема да го повторувам она што сум го образложил во јавноста, но ќе кажам дека вистината е на наша страна. Ние бевме на еден залутан пат на антиквизација и беше тешко да го пробиеме. Битката за македонскиот идентитет стана проблем токму поради ова, односно кој има поголемо право на Александар Македонски. Дали идентитетот е гипс и бетон што го постави претходната власт, таа вистина треба да ја прифатиме, истакна Димитров.
Тој рече дека коментарот „Нација со комплекс“ го рекол во одбра на македонскиот народ а не со намера да го понижи како што смета опозициската пратеничка група.
– Мојата реакција беше во одбрана на македонскиот народ а не во навреда, рече денеска шефот на македонската дипломатија, рече министерот.
Димитров во своето обраќање читаше изјави на грчки политичари од опозицијата во кои тие ја критикуваат тамошната власт дека им признала македонски народ и јазик. Исто така ги читаше изјавите на европските челници во кои ја истакнуваат важноста на Договорот од Преспа.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски го обрзлоѓи барањето за интерпелација со констатација дека Димитров го урнал угледот на Македонија со штетни договори со Бугарија и со Грција,
Дебатата за интерпелацијата може да трае најмногу 24 часа, а се очекува да се изгласа до полноќ. За дебата се пријавени 20-ина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.