Шпанскиот тренер Рафаел Бенитез вчера го зацврсти неговиот статус како легенда кај навивачите на Ливерпул, откако со неговиот актуелен клуб Њукасл го совлада Манчестер Сити, кој сезонава е главен конкурент на Ливерпул за титулата во Премиер лигата.
Бенитез го предводеше Њукасл до маестрален пресврт и победа против Манчестер Сити, со што дополнително ги оддалечи „граѓаните“ од првото место на табелата. Неговиот тим триумфираше со 2:1, откако Агуеро во првата минута му донесе водство на Манчестер Сити.
Во финалето од Лигата на шампионите во 2005 година, со Рафаел Бенитез на клупата Ливерпул стигна до легендарен пресврт против Милан и потоа на пенали го освои најпрестижниот трофеј во европскиот фудбал. Оттогаш Бенитез е култен херој на навивачите на Ливерпул и гордо го носи имиџот на еден од најомилените ликови од поновата историја на клубот.