Меѓународната награда „Гоцева мисла” годинава им се доделува на проф. д-р Кирил Темков од Филозофскиот факултет во Скопје и на Жан-Патрик Конрад, претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз.
Наградата ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент” која соопшти дека годинашните лауреати ја добиваат наградата за нивниот придонес во културолошката мисија, развојот и негувањето на културата, уметноста, науката и етиката, како и соработката и поврзувањето меѓу народите.
Наградата се доделува во чест на роденденот на Гоце Делчев, 4 февруари, и неговата знаменита мисла: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите”. Доделувањето е во рамки на Фестивалот на чајот и читањето, а свеченоста ќе се одржи в понеделник напладне во Културниот центар „Феникс”.
Досегашни добитници на наградата „Гоцева мисла” се: Златко Крамариќ (Хрватска), Олга Панкина (Русија-Македонија), Даниела Костадиновиќ (Србија), Тања Попова (Бугарија), Звонко Танески (Македонија-Словачка), Волф Ошлис (Германија), Горан Калоѓера (Хрватска), Сабахудин Хаџиалиќ (Босна и Херцеговина), Лилјана Јанаќковиќ (Србија), Ресул Шабани (Македонија), Суат Енѓулу (Турција), Елка Наголова (Бугарија) и Ристо Василевски (Македонија-Србија).