Федерацијата Босна и Херцеговина од денеска официјално е во финансиска блокада поради несогласувањата околу буџетот за оваа година, што според проценките би можело да има огромни последици за граѓаните.
Буџетот за 2019 година претходно доби поддршка во едниот дом на парламентот, но не може да стапи на сила додека не го потврди и вториот народен дом, на чиешто чело се наоѓа Лидија Брадара оа ХДЗ.
Босна нема усвоено ни одлука за привремено финансирање која би можела да осигура сервисирање на расходите до 31 март. За усвојување на оваа одлука истотака потребна е согласност од двата дома на федералниот парламент.
Последиците засега нема да ги почувствуваат единствено пензионерите, со оглед на тоа што за нив е потпишан налогот за исплата на јануарската пензија, но би имале проблем во февруари доколку не се усвои буџетот.
Земјоделците најавија дека доколку до крајот на оваа седмица не биде усвоен буџетот за 2019 година, ќе излезат на улиците и ќе ги блокираат политичките партии и зградата на канцеларијата на високиот претставник за меѓународна заедница (ОХР) во Босна и Херцеговина.
ОХР и амбасадите на САД и Германија претходно преку соопштение наведоа дека вториот дом на чело со Брадара нема легитимитет да усвои било каков закон. Со овој став се согласи и Брадара која одлучи да не свикува седница, порачувајќи дека нема простор за паника и никој нема да трпи последици.
Оваа седмица, делегатите од редовите на бошњачкиот народ во Домот на народот, упартија до Брадара барање за свикување на вонредна седница на федералниот орган на законодавната власт каде би се разгледал буџетот.