Катастрофата што ја доживеа Челзи на гостувањето кај Борнмут од 4:0 е доказ дека нешто не „штима“ во работата на Маурицио Сари во Лондон.
„Сините“ ја одушевуваа спортската јавност во почетокот на сезоната и се чинеше дека може да останат во трката за врвот, но од тие соништа не остана ништо и денес е одвај подносливо да се гледа како игра Челзи.
По тешкот пораз од Борнмут, италијанскиот менаџер ги затвори играчите во соблекувалната еден час и им објаснуваше каде погрешиле.
Ги обвини играчите дека не ги усвоиле ни основните постулати на неговата фудбалска философија „сарибал“ и го впери прстот во најдобриот играч – Еден Азар.
Белгиецот, според Сари, не ги следел неговите насоки.
Од друга страна, играчите сметаат дека пристапот на Сари кон фудбалот е премногу зависен од играчот за врска Жоргињо и дека противниците тоа го знаат, па акците на Челзи не успеваат.
Ова само ја влошува и онака неповолната ситуација во клубот, бидејќи Азар и онака е блиску до заминување.
Белгискиот мајстор сака да оди во Реал Мадрид, а Сари веќе изјави дека нема да му прави проблеми ако сака да си замине.