Министерството за надворешни работи, во реакцијата во врска со денешната затворена седница на собрниската Комисија за надворешна политика истакнува дека тоа не било ниту одлука, ниту намера на Министерството, но било оценето дека доверливост е потребна поради тоа што одредени теми во тезите биле од сензитивна природа.
Од МНР појаснуваат дека согласно воспоставената практика, до Собранието на Република Македонија ги доставило тезите пред преземањето на должноста на кандидатите за амбасадори на Република Македонија во Унгарија, Шпанија, Словенија, Обединетите Арапски Емирати, СР Германија, Босна и Херцеговина, Австрија, Шведска, Украина, како и при меѓународните организации во Виена.
-Имајќи ја предвид важноста на односите на Република Македонија во државите и меѓународните организации и тоа дека амбасадите во горенаведените земји и при меѓународните организации во Виена се подолг временски период без амбасадори, се наметна потребата за брзо реализирање на процедурата на упатување. Исклучувањето на јавноста од седницата на Комисијата не е одлука, ниту намера на Министерството, но во техничката операционализација, тезите се доставени со квалификација која наведува на одреден степен на доверливост, соодветен за третманот на тезите во рамки на Министерството за надворешни работи. За време на презентацијата на тезите пред колегиумот во Министерството, беше оценето дека одредени теми се од сензитивна природа и оттука потребата за соодветен степен на доверливост. Тоа, по автоматизам, повлекло надлежните служби во Собранието да оценат дека е потребен одреден степен на доверливост при презентацијата на тезите, стои во реакцијата од МНР.