Аеродромот „Св. Апостол Павле” во Охрид е рангиран во најдобрите трите аеродроми во Европа што постигнале највисок раст во првиот квартал од 2019 година, во групата аеродроми со под пет милиони патници годишно.
Според Меѓународниот совет на аеродроми (ACI), охридскиот аеродром бележи 63.9 проценти пораст на патничкиот сообраќај во првиот квартал од 2019 година, а 96,9 отсто пораст на патничкиот сообраќај во март 2019, споредено со март 2018 година. Во категоријата аеродроми со помалку од пет милиони патници годишно, поголем раст бележат само италијанскиот аеродром во Таранто и грузискиот аеродром во Кутаиси .
– Ова признание од страна на ACI е потврда за нашите силни напори да воспоставиме постојан пораст во авиосообраќајот на двата аеродрома управувани од страна на „ТАВ Македонија”. На Аеродромот „Св. Апостол Павле” во Охрид забележавме неверојатен пораст во бројот на патници, односно 64 проценти поради трите нови авиолинии отворени во последните шест месеци – Виена во ноември 2018 година и Малме и Милано од март годинава. Со дополнителните четири нови дестинации што ќе бидат воведени од ова лето – Меминген, Дортмунд, Штутгард и Дизелдорф, очекуваме да одржиме висока стапка на пораст на охридскиот аеродром, притоа достигнувајќи нови рекорди, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Споредено со просечниот пораст на патничкиот сообраќај на европските аеродроми од 4,4 отсто, порастот на аеродромот во Охрид е поголем за 60 проценти. Со стапка на раст од 5,6 отсто во првото тримесечје од 2019 година, Меѓународниот аеродром Скопје, исто така во првиот квартал од 2019 бележи повисок просек од оној низ Европа.
Заедно со нововоспоставената линија од Охрид до Цирих што ја оперира швајцарската водечка авиокомпанија „Edelweiss” сега од Охрид има пет директни авиолинии и тоа за Виена, Базел, Цирих, Малме и Милано и осум сезонски дестинации до Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, а на истите сообраќаат 11 авиокомпании.
– Првиот четири месеци од 2019 година ги завршивме со речиси седумстотини илјади патници на „Меѓународниот аеродром „Скопје” и Аеродромот „Св. Апостол Павле” – Охрид, односно со десет процентен пораст на годишно ниво. Скопскиот аеродром ја оствари очекуваната стапка на пораст во бројот на патници од седум отсто за периодот јануари-април, што очекуваме да бидеме повисока во вториот и третиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации – Баден-Баден и Бремен, што започнаа да сообраќаат во март, како и Ларнака и Турку, што ќе бидат воведени во јули 2019 година. „ТАВ Македонија”, заедно со сите владини тела од областа на воздухопловството, ќе продолжат да работат на развојот на мрежата на авиолинии на двата аеродрома. Во исто време, задоволството на патниците ќе остане да биде еден од нашите врвни приоритети, со фокус на подобрување и иновација на услугите за авиокомпаниите и патниците, додаде Ерсој.
Во првите четири месеци од 2019 година преку двата македонски аеродрома вкупно патувале 694.227 патници што е пораст од 10 отсто споредено со истиот период во 2018 година.
„ТАВ Македонија” ја заврши 2018 година со вкупно 2,3 милиони патници на двата аеродрома, што претставува 16 процентен годишен пораст, и со реализирани 19.750 летови односно деветпроцентен годишен пораст.