Напаѓачот на „Рома“, Един Џеко беше казнет со 10 илјади евра и суспендиран за два натпревари поради директниот црвен картон кој го заработи при поразот на својот тим со 1:7 од „Фиорентина“ во четвртфиналето од Купот на Италија.
Нервите на искусниот напаѓач не издржаа до крајот на натпреварот, кога Жорди Верету од „виолетовите” за кусо време два пати стартуваше врз Лоренцо Пелегрини во обид да му ја одземе топката. Главниот судија Џанлука Мањанело не го казни потегот со жолт картон, што го налути Џеко. Босанецот отворено го навреди судијата, а видео снимките оставаат впечаток дека и го плукнал.
Без разлика на санкцијата, фудбалерот ќе биде на располагање за „Рома“ во дербито против „Милан“ оваа недела, бидејќи во Италија санкциите не се пренесуваат меѓу одделните натпреварувања.