,,Титаник 3″ се враќа на почеток -Јанева и медиумите влијаеле на постапката

Судот го прифати барањето за изземање на судијката Оља Ристова од судењето за ,,Титаник 3″. Барањето на поднесе Ристова со образложение дека врз неа се врши директен притисок и се доведува во прашање нејзината независност и непристрасност во постапувањето, што отвора сомнеж во јавноста. Кривичниот суд во Скопје информира дека предметот согласно АКМИС – системот ќе биде распореден на понатамошно постапување кај друг судија.

Во продолжение го пренесуваме интегрално соопштението на Основниот суд Скопје 1: ,,Постапувајќи по барање за изземање на судијата Оља Ристова од предметот со К.бр. 1905/17, оформен по обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, а означен како „Титаник 3“, поднесен лично од судијата, претседателот на судот донесе решение со кое по извршениот увид во предметот и изјавата на судијата согласно член 36 ст. 1 и член
33 ст.2 од ЗКП го усвои барањето.

Имено, судијата Оља Ристова во барањето наведува дека на емисијата „КОД“ на телевизија Телма од 27.01.2019 год. Јавната обвинителка Катица Јанева дава изјава во контекст на наводните закани од еден од бранителите во конкретниот предмет упатени кон обвинител од надлежното обвинителство. Во таа насока, Јанева во својата изјава бара од новинарите и јавноста будно да го следат овој предмет бидејќи судот, како што вели, не ги прифатил овие наводни закани како сериозни и не презел мерки во тој правец како и тоа дека не е воспоставен соодветен ред во судницата.

Во однос на оваа изјава, судијата Ристова смета дека со ваквото неосновано медиумско влијание за предмет за кој и онака секоја расправа се одвива во присуство на претставници на медиуми, невладини организации и меѓународни претставници во земјата, се врши директен
притисок и се доведува во прашање нејзината независност и непристрасност во постапувањето, што отвора сомнеж во јавноста.

Во тој правец и Судот овие изјави на СЈО, ги разбира како обид за директен притисок врз судијата, иако медиумското следење на предметот од поднесување на обвинителниот акт преку неговата оценка и отпочнување на главната расправа се одвива со постојано присуство на медиумите и соодветни известувања за јавноста.

Судот смета дека во постапката на овој предмет судијата има излезено во пресрет во однос на сите барања на странките, а редот во судницата никогаш не бил доведен во прашање.
Сепак заради отстранување и на најмал сомнеж за пристрасност, а имајќи ги предвид изјаите на судијата Оља Ристова и наводите на СЈО во однос водењето на постапката од страна на судот, се одлучи во смисла на член 36 ст. 1и член 33 ст. 2 од ЗКП и барањето за измеање беше усвоено.Предметот согласно АКМИС – системот ќе биде распореден на понатамошно постапување кај друг судија, а по насрочена главна расправа јавноста и странките ќе бидат дополнително известени”, соопшти Основен суд Скопје 1.

Со ова за 1 година ова судење по вторпат ќе почне од почеток откако претходно судијката Гордана Спиревска беше изземен од постапување по истиот предмет.

Во „Титаник3“обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури. Тие како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.Според обвинението, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ

Треба да знаете
Последни објави