Минималната пензија од 900 евра создаде тензии во германската владејачка коалиција

Во рамките на владејачката демохристијанска-социјалдемократската коалиција на канцеларката Ангела Меркел деновиве се разви дискусија во врска со предлогот на социјалдемократите од воведување на минимална пензија од 900 евра.

„Мојата цел е да не ги зголемуваме пензиите за 20 евра, бидејќи тоа нема да помогне никому. Зголемувањето треба да биде многу повисоко“, рече министерот за труд, Хубертус Хејл (од Социјалдемократската партија на Германија, СПД) во интервју за јавниот радиодифузен сервис АРД, објаснувајќи го својот концепт за воведување на минимална пензија.

Хејл сака на ваков начин финансиски да им помогне на оние работници кои цел живот работеле за минимална плата и кои во моментов примаат пензија чиј износ е малку над 500 евра.

Овие пензионери во моментов имаат право на финансиска помош во рамки на социјалната заштита, а износот зависи од висината на пензијата и местото на престој.

За коалицискиот партнер на социјалдемократите, Демохристијанската унија ЦДУ/ЦСУ, предлогот на министерот за труд Хејл оди малку предалеку.

„Ние и натаму се залагаме за добро насочена финансиска помош, а не за произволно зголемување на пензиите“, рече Петер Вајс, портпарол на парламентарната група за социјално-политички прашања на Унијата ЦДУ/ЦСУ.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, реагираше претпазливо на новиот предлог, укажувајќи на коалицискиот договор во кој се одредува најнискиот износ на пензија, која ќе биде за 10 отсто повисока во однос на т.н. социјален праг, додека предлогот на Хејл практично значи зголемување од 20 проценти.

Треба да знаете
Последни објави