Уште во текот на минатата година преземавме одредени чекори за промена на системот на греење во повеќе јавни здравствени установи. Ставивме приоритет на Специјалната болница по гинекологија и акушество „Мајка Тереза” во Чаир, како и на општите болници во Куманово и Струмица, поради тоа што е подготвена околната инфраструктура за гасификација.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека проектите се готови, влегле во планот за јавни набавки и ќе почнат да се реализираат како приоритет токму во овие три јавни здравствени установи.
– Се надевам дека толку колку што трае тендерската постапка и сите законски рокови ќе поминат без никаков проблем и за скоро време, веќе за следната грејна сезона сите овие објекти ќе бидат подготвени да се грејат на гас, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање пред настанот посветен на потребата од развивање интегрирани услуги за здравствена и долгорочна нега, што се одржа во организација на Европскиот центар за социјална политика и истражување.