Новиот платежен систем воведен од Франција, Германија и од Велика Британија минатата недела за да се овозможи легитимна трговија со Иран има ограничен капацитет и понижувачки услови и Иран никогаш нема да го прифати тоа, тврди шефот на судството на Иран, ајатолахот Садек Амоли Лариџани, пренесува РТ.
„По девет месеци одолговлекување и преговори, Европејците создадоа механизам со ограничен капацитет, а не за размена на пари, туку за храна и за лекови”, изјави Лариџани за „Тасним“
„Земјите треба да бидат свесни дека Иран во никој случај нема да ги прифати овие понижувачки услови и нема да потклекне пред никакво барање за да отвори мал премин како што е INSTEX”, рече тој.
Новиот платежен канал за „хуманитарна” трговија со Иран беше воведен по санкциите на САД и првично ќе се фокусира на најсериозните сектори за иранското население како што се храната, фармацевтските и медицински помагала.
Меѓутоа, некои експерти велат дека механизмот е бескорисен и нема да промени ништо за европските компании бидејќи не се сигурни дека би можеле да прават бизнис со Иран без да бидат предмет на санкции од САД.