Пратениците Маја Морачанин и Самка Ибраимоски денеска заедно со продавачите на „Лице в лице” на граѓаните низ центарот на Скопје им го понудија најновото издание на списанието, посветено на темата одржливо лидерство. Заедно со списанието, продавачите ја подаруваа книгата поезија „Водата нешто носи” на авторката Марија Грубор, која донираше примероци во насока на нивна поддршка.
Заедничката акција е во рамки на одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат што се одбележува од четврти до осми февруари. Акцијата е во знак на поддршка од страна на македонските парламентарци, кои втора година по ред, одговараат позитивно на иницијативата на пратеникот Ибраимоски.
Меѓународната недела на уличен печат во Македонија се слави веќе седум години и тоа преку единственото улично списание во земјава, кое има околу 40 продавачи кои работат во пет градови во Македонија. Практиката на продавачите да им се придружуваат јавни личности со цел да се стави акцент на важноста на нивната работа, чија цел е економско и социјално зајакнување, е приод кој се применува и во останатите улични списанија низ Европа и светот.
Пратеникот Самка Ибраимоски втора година им се придружува на продавачите на „Лице в лице” и изјави дека не е лесно да се продава списание.
– Посакувам сите граѓани да се финансиски постабилни и посамоуверено да ја изразуваат својата поддршка на продавачите кои одлучиле да работат, да си помогнат и да излезат од одредена неповолна ситуација. Но, институцииите, секако, мора да обрнат малку повеќе внимание на оваа категорија граѓани во спроведување на мерките на интеграција, рече Ибраимоски.
Пратеничката Морачанин смета дека во моментов се интензивираат процесите на интеграција на ранливите категории во општеството и оти тоа е процес што треба да продолжи.
– Посебно е важно како маргинализираните лица ќе ги вклучиме во сите општествени текови. Тоа е битно за нив, за да се почувствуваат достоинствено, да можат сами да заработуваат, но, важно е и за целото опшество. Воопшто не е лесна нивната работа, не е едноставна. Би ги охрабрила да продолжат да работат со истиот ентузијазам кој го видов денес кај нив. И покрај студот, и покрај различните реакции, тие имаат љубов кон работата, и јас им се восхитувам, нагласи Морачанин.
Продавачите кои беа вклучени во денешното одбележување, Тунан, Саше, Валентин, Горде и Анабела се движеа низ градскиот плоштад и кафулињата низ центар, придружувани од парламентарците, и постојано сретнуваа свои поддржувачи, кои ги препознаваа и охрабруваа во работниот подвиг.
„Лице в лице” е социјално претпријатие за работната интеграција што овозможува ресоцијализација на ранливите групи преку социјален контакт, почитување правила и стекнување навика за структуриран животен стил што им овозможува на ранливите лица подготовка за отворениот пазар на труд. Своите продавачи ги регрутира преку соработка со здруженија на граѓани чии корисници припаѓаат на различни маргинализирани групи.
Продавачи на списанието се маргинализирани лица – младинци од улица над 16-годишна возраст, бездомници, лица со посебни потреби, приматели на социјална помош, поранешни корисници на дрога и алкохол, поранешни затвореници. Од секој продаден примерок (кој чини 100 денари), продавачите на списанието задржуваат 50 отсто од износот, а со останатата половина се гради систем за нивна поддршка и се печати нов број на списанието.