Ирена Цветковиќ извршна директорка во Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, вчера објави статус на Фејсбук во која бара помош за девојка од Емирати, која е во затвор во Македонија.
Цветковиќ објави:
Девојкава е побегната од Емирати, поради тоа што е злоставувана од татко и и браќата. Врз неа е извршено семејно насилство и големи се шансите да ја погубат ако се врати. Моментално е во затвор во Македонија. Постои голем ризик нашите да ја депортират. Ги молам сите надлежни институции, невладини за заштита на жените и било какви здруженија за заштита на човекови права, да не дозволат да ја депортираме. Ве молам споделете и помогнете да си ја најде слободата. Верувам Македонијаќе застане на страната на слободниот избор , напиша Цветковиќ на Фејсбук.
За случајот побаравме одговор од МВР. Од таму за 24 инфо велат дека била донесена првостепена одлука – решение, со кое било одбиено барањето за признавање право на азил во Република Македонија бидејќи било утврдено дека не постои оправдан страв од прогон, односно не се утврдило дека девојката била прогонета поради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група, или политичко уверување и дека мора да ја напушти Македонија.
„На 15.10.2018 година, Хинд Мохаммад Алболооки во Полициската станица од општа надлежност во Чаир, поднесе барање за признавање право на азил во Република Македонија.
По поднесување на барањето, а согласно Законот за меѓународна и привремена заштита Хинд Мохаммад Алболооки е сместена во Јавната установа за сместување на баратели на азил – Визбегово. Врз основа на поднесеното барање регистрирана е од страна на претставници на Секторот за азил, односно извршен е првичен разговор, фотографирана е, дактилоскопирана, и е запознаена со целокупната постапка за признавање на право на азил согласно Законот„, велат од МВР.
Од таму додаваат дека на 02.11.2018 година службени лица разговарале со Хинд Мохаммад Алболооки со цел да донесат правилна одлука по поднесеното барање.
„Врз основа на разговорот и разгледување на сите релевантни факти и околности, Секторот за азил на 07.11.2018 година донесе првостепена одлука – Решение, со кое се одбива барањето за признавање право на азил во Република Македонија од причина што утврдено е дека не постои оправдан страв од прогон, односно не се утврдило дека именуваната е прогонета поради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група, или политичко уверување и не постојат причини да се верува дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, ќе се соочи со реален ризик од претрпување на сериозни повреди“, се наведува во одговорот на МВР.
На 03.12.2018 година адвокатите на девојката поднеле тужба до Управниот суд на донесеното првостепено решение на Секторот за азил.
„На 07.12.2018 година од страна на Секторот за азил до Одделот за гранични работи и миграции доставено е барање за ограничување на слободата на движење на горенаведеното лице и врз основа на член 63 став 1, став 2, алинеја 3, член 64 став 1 алинеја 2 и член 65 од Законот за меѓународна и привремена заштита, донесено е Решение со кое се изрекува мерка сместување во Прифатниот центар за странци во период од три месеци.
Управниот суд донесе Решение со кое се потврдува Решението на Секторот за азил, по што е поднесена и жалба до Вишиот управен суд и истиот има донесено правосилна пресуда со која се потврдува решението на Секторот за азил со кое барањето за признавање право на азил е одбиено.
Хинд Мохаммад Алболооки на ден 04.02.2019 година согласно член 79 од Законот за меѓународна и привремена заштита е писмено известена дека постапката за признавање право на азил е завршена со правосилна судска пресуда и даден е рок од 15 дена во кој именуваната е должна доброволно да ја напушти територијата на Република Македонија а најдоцна до 19.02.2019 година или доколку ги исполнува условите да го регулира својот престој согласно Законот за странците.
На ден 12.12.2018 година поднесена е тужба на Решението за задржување на Одделот за гранични работи и миграции и постапката пред Управниот суд се уште е во тек односно нема одлука по истото.
На лицето Хинд Мохаммад Алболооки за време на нејзиниот престој непречено и беа овозможувани посети и истата беше посетена од страна на претставници од Народниот правобранител, Високиот комесаријат за бегалци, Македонско здружение на млади правници, претставник на Језуитската служба за бегалци од каде е назначен сегашниот нејзин полномошник и адвокат од Скопје, а одобрена е и посета на претставници од Хелсиншкиот комитет“, стои во одговорот од МВР