И „патриотите“ и „предавниците“ во македонското Собрание делуваат сложно кога одредениот закон ставен на гласање ги штити нивните ситни партиски интереси?! Функцијата заменик-директор им одговара и на едните и другите, бидејќи се иста недомаќинска сорта, велат од партијата ГДУ преку соопштение.
„Логиката е повеќе од елементарна: Моментално СДСМ е на власт и ќе вработи партиски војници, заслужни за партијата, утре тркалото ќе се сврти и ДПМНЕ ќе го направи истото. На двете најголеми партии им треба напумпан административен апарат за да може да ги згрижува своите неспособни за правење приватни бизнис-кадри. Тоа е жестоката вистина“, велат од ГДУ.
Оттаму прашуваат по кој клуч ќе се делат новите функционерски места. Дали за вработувањето пресудни ќе бидат само партиската и етничката припадност, или клучни ќе бидат роднинските врски. ГДУ констатира дека во последно време се зголемил трендот синчиња, ќеркички, браќа, сестри, внуци, братучеди и љубовници да се вработуваат под моќната капа на државата, па решиле да прашаат со време.
„Дополнително, од каде ја најдовте потребата од заменик- директор буквално во секое јавно претпријатие? Кое е тоа истражување, студија, анкета кое ви потврди дека има потреба од дополнителен цел кабинет во секое претпријатие? Зарем не гледате дека јавните претпријатија мора да се преструктурираат за да опстанат на пазарот?! Огромен дел од нив се со блокирани сметки и наталожени долгови, кои ни Господ не ви ги враќа. Дајте да ги одведеме право во стечај или во ликвидација. Нивниот буџет е подготвен за таква статусна промена“, велат од ГДУ.