Во последните неколку месеци државната и јавната администрација се користат како апарат за вдомување партиски кадар, и тоа само пред избори. Власта врши чиста изборна корупција и поткуп на гласачи, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Во последните 4 месеци само во Царинската управа е распишан оглас за вработувања на над 160 лица, 58 во октомври, 78 во јануари и 24 во февруари. Огласи за работа во последните неколку дена пред распишување на изборите се објавени и во ‘Македонски железници’, Пазарен инспекторат, Генерален секретаријат на Владата и Министерството за локална самоуправа. Истата ситуација се случува и во локалните претпријатија. Вчера ЈП ‘Водовод и канализација’ распиша оглас за вработување на над 140 лица“, изјави Арсовски.
Според него, масовното вработување во администрација непосредно пред избори е ноторен пример за изборна корупција. Само за неколку дена, како што наведе, огласите за вработување во администрација се неколку стотина.
„Во изминатиов период видовме дека администрацијата е главно место за вработување на децата на функционерите на власта и партиските активисти. Јавноста памети безброј примери за партиски вработувања. Оваа власт ги вработи синот на Мирослав Грчев, ќерката на Талат Џафери во ЕЛЕМ, синот на Владо Бучковски и сестрата на министерот Бектеши во МЕПСО, а синот на Љубомир Фрчковски е поставен за помошник-директор во ПУИК, додека, пак, сега најнов случај на вработување на деца на функционери е синот на пратеникот Мисовски, кој е вработен Агенцијата за супервизија на осигурување“, нагласи Арсовски.
Тој истакна дека СДСМ ветувале еднаков пристап на секој граѓанин до секое работно место, за сега, како што објасни, да гледаме како администрацијата се полни со партиски лица од СДСМ, а граѓаните не можат ни да замислат да бидат примени на некое работно место бидејќи однапред знаат дека нема да бидат примени и тоа место е наменето само за децата на функционерите од СДСМ.