Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по вчерашната седница на Советот преку соопштение информира дека Министерството за информатичко општество и администрација два месеца по ред на Агенцијата ѝ префрлало помалку средства за финансирање на радиодифузната дејност за 2019 година, од законски утврдените.
По првата транша, Агенцијата на 28 јануари годинава писмено се обратила до МИОА и побарала објаснување за понискиот процент на исплатените средства, но оттаму сè уште не добиле одговор. Во меѓувреме, велат од Агенцијата, и за месец февруари биле исплатени средства со идентичен износ како претходниот.
Имено, законот утврдува дека висината на процентот на издвоени средства од буџетот за 2019 година ќе изнесува 0,8 отсто.
Агенцијата бара средба со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.