Такси компанија? Ве молам едно возило до Аеродром… Водовод? Веќе неколку месеци не ми функционира водомерот. Се јавувам да пратите мајстор конечно… Интернетот не ми работи веќе неколку денови. Не го порвате, а ми праќате високи сметки! Знам дека трошиме струја, но сигурно не сме потрошиле волку колку што ми е висока сметката…
Не станува збор за некоја служба за пријавување на дефекти ниту пак „кол“ центар на некоја такси компанија. Ова се само дел од разговорите снимени на бесплатниот телефонски број на Царинската Управа на Македонија кој постои повеќе од 2003. Во Управата велат дека необичните јавувања се многу чести и граѓаните наместо да пријават корупцијата, криумчарење или незаконско работење, бесплатниот број случајно или намерно го користат да ги пријават проблемите кои ги имаат. Од почетокот на 2018 година до месец ноември има евидентирано 5.171 повици.
-Отворената бесплатна царинска линија (197) на Царинската управа на Република Македонија започна со работа во ноември 2003 година и е воспоставена за пријавување на шверц и корупција во царината. Освен за пријавување на шверц и корупција во царината преку телефонската линија 197 на учесниците во царинската постапка им се дава можност за пријавување на проблеми при спроведувањето на истата, велат во Управата.
Според нив, за 2018 година до месец ноември има евидентирано 5.171 повици. Во однос на 2017 година јавувањата бележат минимален пад кој првенствено се должи поради поедноставување на постапките и олеснување на граничните формалности.
-Граѓаните најчесто се јавуваат во делот на царинските формалности, посебно интересно за поштенскиот сообраќај за интернет тргување, но воедно има и пријави кои се однесуваат за шверц, како и за злоупотреба и корупција- велат во Царина.
За необичните јавувања велат дека се многу чести.
-Честите јавувања се од причина што понекогаш граѓаните на овој број бараат такси возила, односо го изоставуваат префиксот 15 и директно вртат на 197. Бараат возила до одредени дестинации или пак бројот е сличен со пријавување дефекти за телефон и интернет и по грешка се жалат за високи сметки. Не ретко се жалат на исклучен број, немање интернет и слично- велат во Управата.
Од таму објаснуваат дека отворената царинска линија започнала со работа во ноември 2003 година и преку неа се воведува можност за директно вклучување на граѓаните во борбата против корупцијата, криумчарењето и незаконското работење.
– Освен за пријавување на шверц и корупција во царината преку телефонската линија 197 на учесниците во царинската постапка им се дава можност за пријавување на проблеми при спроведувањето на истата- велат во Царина.
Според нив, најголемиот дел од повиците се однесуваат на прашања поврзани со царинските формалности.
Валентина Ангеловска