Мнозинството од граѓаните во Македонија (60,1 процент) сметаат дека најсоодветно решение за проблемот со кучињата скитници е да се обезбеди прифатилиште во кое ќе бидат сместени неограничено, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено за емисијата „Детектор” на ТВ Сител, во која гостуваа Петре Шилегов, градоначалник на град Скопје, Радмила Пешева, активистка на Анима Мунди и Димитар Терзиевски од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според истражувањето, мнозинството граѓани (60,1 процент) сметаат дека треба да се обезбеди прифатилиште за кучиња скитници каде тие би биле сместени неограничено, а дури и повеќе од една четвртина од испитаните граѓани (26,9 проценти) би посвоиле куче од улица.
Мнозинството од граѓаните (63,1 процент), според објавените рзеултати, смета дека е погрешно да се дозволи кучињата скитници слободно да шетаат по улиците, a повеќе од половина од граѓаните се подготвени да плаќаат повисоки даноци на општините за да се обезбедат профатилишта за кучињата скитници (54,5 проценти).
Како што се изјасниле повеќе од половина од испитаниците или 57,8 проценти, општините немаат соодветен пристап за справување со проблемот со кучињата скитници и овој проблем, според 53,3 проценти од анкетираните, годинава е поголем споредено со лани.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, посочи дека е во тек е синхронизирана акција заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, со која очекува дека во Скопје ќе се создаде регистар на домашни миленици, со кој можеби ќе се спречи главниот прилив на животни на улиците.
Радмила Пешева од Анима Мунди, пак, дополни дека „без оваа мерка, никаква друга законска регулатива не може да се спроведе” како и дека досегашната програма „залови, стерилизирај, врати” е „хумана програма за третман на кучињата скитници која дава резултати доколку се применува ревносно”.
На прашањето во кој рок би можело да се реши овој проблем, градоначалникот Шилегов, одговори „Се надевам ќе успееме во текот на оваа година да повикаме дел од градежните фирми кои што градат на територијата на Скопје да бидат општествено одговорни, и еден објект којшто јас го нудам во соработка со Агенција за извршување на санксции – поранешната фарма на затворот Идризово, да биде реконструрирана и таму да има 500-600 места по наша проценка каде што би вовеле стандард за третирање на животните скитници. Јас очекувам за 3-4 години да го решиме овој проблем.
Поставувањето на системот за одговорно сопствеништво значи создавање база на податоци, која се спроведува со микрочипирање на милениците. – До 31 март се спроведува бесплатно чипирање на домашните миленици, но оваа мерка ќе продолжи да функционира и понатаму. До овој момент во базата има регистрирано 32 000 миленици, истакна Димитар Терзиевски од Агенцијата за храна и ветеринарство.
За 65,5 проценти од граѓаните Македонија не ги исполнува стандардите на Европската унија во однос на кучињата скиници, а 46,2 проценти сметаат дека полесно би се надминал проблемот доколку станеме членка на ЕУ.
– Во моментов се работи на сет мерки за решавање на проблемот. Сите општини се задолжени да достават програми за контрола на популација, а направени се измени и во „Законот за заштита и благосостојба на животните” кој е пратен во Секретаријатот за законодавство и со него ќе ги регистрираме одгледувачниците за да ги регулираме несаканите потомства и лицата кои ги напуштаат своите миленици, потенцираше Терзиоски.
Истражувањето на тема „Кучиња скитници” беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), во периодот помеѓу 8 и 13 јануари 2019 на 1091 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.