Премиерот Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, се сретна со членовите на Државната изборна комисија (ДИК), предводени од нејзиниот претседател Оливер Деркоски. На средбата се разговараше за тековни прашања поврзани со подготовките на сите потребни услови за успешна реализација на претстојните претседателски избори и предвремени локални избори во трите општини, Дебар, Охрид и Ново Село.
„Владата дава принципиелна поддршка, согласно со законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на Државната изборна комисија затоа што организирани слободни и фер избори се врвна демократска придобивка, се јакне демократијата и се отстрануваат сомнежи за какви било нерегуларности“, рече Заев на средбата со членовите на ДИК.
Деркоски и членовите на Комисијата посочија дека таа работи професионално и го информираа премиерот Заев за преземени активности, меѓу кои активна и ефикасна едукација на членовите на избирачките одбори, како и на општинските изборни комисии со цел навремено, достоинствено и целосно да одговорат на законските обврски пред граѓаните.
„Максимално сме посветени, со зголемен интензитет на ангажирање на луѓе и логистика, согласно со законските прописи, да ги оствариме приоритетите и целите за реализација на фер и демократски избори“, нагласи претседателот на ДИК, Деркоски.
На работната средба, сите учесници се согласија дека одржувањето на избори е тест за политичката зрелост на државата и изразија подготвеност и посветеност за максимална транспарентност, почит и кредибилитет на претстојните претседателски избори и локални избори во три града во државата.