Во соопштението за јавноста, Основото јавно обвинителство објави до каде е истрагата и што е познато во моментов во врска со трагедијата на автопатот Скопје- Тетово.
-Надлежниот јавен обвинител ќе ја побара целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“ во врска со дозволите за јавен превоз кои ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот кој сообраќал на релацијата Скопје-Тетово, како и податоци во врска со работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден, велат од ОЈО.
Според обвинителството, по несреќата имале првичен разговор со возачот и притоа тој не дал релевантни податоци за целиот настан.
-Јавниот обвинител усно е известен дека анализата на примероци на крв и урина покажала дека во моментот на несреќата кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Со барање на листинзи од мобилен оператор ќе се утврдува дали возачот во моментот на несреќата користел мобилен телефон, велат од ОЈО.