Пет лица се сместени на Одделот за интензивна нега во ГОБ „8 Септември”, од кои двајца се во критична состојба, по синоќешната автобуска сообаќајна несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, истакна вечерва директорот на Градската општа болница „8 Септември” Христијан Костов.
Прецизира дека во шок соба моментално се сместени двајца пациенти, кои се поставени на механичка вентилација со неуротраума, двајца нови пациенти кои се префрлени од Траума-центарот, како и една претходно оперирана пациентка на која и беше извадена слезината и која е во стабилна општа состојба.
– Во моментов во критична состојба се двајцата што се на механичка вентилација со неуротраума. Другите се во добра општа состојба. Двајца од пациентите се качени од Одделот од траума центарот на Одделот за инвазивно лекување заради опсервација. Едниот од нив е на 15 годишна возраст, а другиот на 40 години. Кај нив има лесна промена на крвната слика, но се под контрола и се прават дополнителни испитувања. Засега се во стабилна состојба, посочи Костов.
Нагласи дека бројката на хоспитализирани лица од сообраќајката е се уште иста 28, а промени има само во преносот на различни одделенија. Другите повредни пациенти, посочи, се во добра општа состојба.
– На еден пациент кој имаше повреда на градниот кош, односно торакална траума, претходно синоќа му беа поставени два торакални дрена и заради влошување, во смисол на отежнато дишење, беше поставен на менахичка вентилација, а за подобра контрола и опсервација од торакален хирург, беше транспортиран на КАРИЛ, изјави Костов.
Потенцира дека најмладиот повреден пациент од сообраќајката што е сместен во ГОБ „8 Септември” има 15 години, а најстариот 65 години, а останатите воглавно се млади луѓе.
Дежурниот хирург д-р Ежевит Кдри посочи дека се надева оти лекувањето на двајцата пациенти што се префрлени во Одделот за интензивна нега ќе заврши без оперативен зафат.- Тие се префрлени на ова одделение заради интензивниот мониторинг што може да им се пружи, рече Кадри.