Американската амбасада во Израел ги предупреди своите граѓани во оваа земја да бидат претпазливи и да избегнуваат патување во областите погодени од ракетни пожари поради последните судири меѓу Хамас и Израел.
Ова предупредување се совпаѓа со одржувањето на изборот за песна на „Евровизија“ и одбележувањето на годишнината од отворањето на американската амбасада во Ерусалим, пренесува израелскиот сајт „Ynetnews“.
„Терористичките групи би можеле да ја изберат годишнината која се совпаѓа со натпреварот за ‘Евровизија’ во Тел Авив, за да спроведат насилни протести или напади“, се наведува во соопштението на американската амбасада.
Во неделата Израел официјално ја започна евровизиската седмица во Тел Авив, каде што се распоредени илјадници полицајци, медицински сестри и асистенти во евровизиското село, додека околу 300 илјади туристи се очекува да го посетат градот во текот на неделата.
„Безбедносните инциденти би можеле да се случат и надвор од Газа и во секое време. Поради инцидентите, вклучувајќи ги и ракетирањата кои честопати се случуваат без предупредување, апелираме граѓаните на САД да останат смирени и да преземат соодветни чекори за да ја зголемат својата безбедност “, се вели во соопштението.
Исто така се додава дека на вработените во американската амбасада и членовите на нивните семејства би можело да им биде забрането да патуваат во области погодени од ракетни активности, сирени или каде што се отворени засолништа и скривници за бомби.