Судењето за предметот „Талир” на Специјалното јавно обвинителство, што се однесува за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ е одложено за 7 март поради отсуство на обвинетиот Илија Димовски.
Судијата Осман Шабани, на почетокот информира дека обвинетиот Илија Димовски со писмен поднесок од 13 февруари го известил Судот дека е спречен да присуствува на денешното рочиште, бидејќи како пратеник и шеф на собраниската делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО ќе учествува на заеднички состанок на комитетите, што ќе биде одржан од 17 до 22 февруари во Брисел.
Бранителот на Илија Димовски, адвокатот Петар Василев треба да го извести неговиот клиент.
Во судница беа присутни останатите обвинети Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои беа спроведени од куќен притвор, како и обвинетиот Леко Ристоски.
Застапник на обвинението е Ленче Ристевска од Специјалното јавно обвинителство.
Во „Талир” обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески за „злоупотреба на службенатта положба и овластувања” и „перење пари”, а Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска се обвинети само за делото „перње пари”. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.
СЈО поднесе уште еден обвинителен акт за предметот „Талир” што се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата.