Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на отворањето на Деловно-технолошкиот акцелератор за млади претприемачи и иноватори, во рамки на Научно – технолошкиот парк, сместен во кампусот на техничките факултети во Скопје.
На настанот, кој го модерираше директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски се обратија и министерот за информатичко општество и администрација и еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел, која е во посета на Скопје, во рамки на нејзината работна посета на регионот на Западен Балкан.
„Очекувам и не се сомневам, дека Научно-технолошкиот парк ќе прерасне во место каде граѓаните ќе развиваат нови вештини, ќе се раѓаат нови идеи, ќе се креираат важни иновации и изуми, некои млади луѓе тука ќе започнат и нови стартап бизниси, со еден збор ќе се трасира патот на нашиот развој– патот кон напредокот и дигиталната револуција“, истакна премиерот Заев.
Тој ја поздрави еврокомесарката Габриел заблагодарувајќи се за нејзиното присуство на настанот, кое го оцени како важно во напорите за обезбедување на сигурна економска иднина за сите граѓани во земјата, која ја исполнува дигиталната интеграција, како дел од патот за интеграција во Европската Унија.
„Ми претставува огромно задоволство што ја посетувам вашата земја да поразговараме за напредокот во спроведувањето на Дигиталната агенда за Западен Балкан и да оцениме заедно со Министрите од шесте Земји на Западен Балкан, како да ја забрзаме работата за да имаме конкретни резултати за нашите граѓани. Јас верувам дека регионот може да стане успешна приказна во областа на дигитализација во Европа“, изјави Комесарката Габриел.
И министерот Манчевски, кој го води Министерството кое соработува во реализацијата на проектот на Технолошкиот парк, повтори дека Дигиталната трансформација е високо на агендата на Владата, вклучително и на агендата на Европската Унија.
„Ние од Северна Македонија, но и сите држави од регионот мораме да го искористиме овој поволен период, за да го подобриме квалитетот на живот на сите наши граѓани. Но, моторот на дигиталната трансформација не е ниту Владата, ниту институциите. Тоа се ИКТ (информациски и комуникациски технологии) компаниите“, подвлече министерот Манчевски, додавајќи дека иднината е во создавање силен приватен сектор, силни компании кои заедно со институциите ќе работат на ова поле.
Директорот Деспотовски, на настанот, на кој беше претставена и видео-презентација на Технолошкиот парк, истакна дека еден од трите столбови на паркот е Деловно-технолошкиот акцеларатор УКИМ, за чии активности, Владата во соработка со Светската банка обезбеди половина милион евра инвестиции.
„Во инвестициската фаза се планираат почетни инвестиции до 25.000 евра по компанија и до 75.000 евра во втората инвестициска фаза за стартапите со потенцијал за брз раст“, рече Деспотовски додавајќи дека се планираат 7 до 12 инвестиции во првата и две до пет инвестиции во втората фаза, проект кој во сите фази ќе чини 80 милиони евра.