Јане Ченто, обвинет во случајот „ 27 април“, во своите завршни зборови рече дека од МВР и ОЈО добил понуда да биде заштитен сведок за крвавиот четврток, а за возврат да не биде обвинет за случајот. Дали има поголемо насилство од отворање врата на разгневена толпа народ, праша Ченто, алудирајќи на амнестијата која опфати речиси половина од обвинетите за 27 април. Тој рече дека го формирал патриотското здружение со цел да се организираат панихиди за борците за Македонија.
Тој истакна дека обвинителството товари погрешни луѓе за настаните во Собранието и дека вистинските виновници не се на обвинителна клупа. Ченто побара судот да донесе ослободителна пресуда, што би била единствена праведна одлука. Целиот обвинителен акт бил шоу за јавноста од страна на ОЈО. Тој нагласи дека чудно е што некои за 27 април се амнестирани, а некои не, што било политичка, а не правна одлука.
-Ми дадоа понуда, односно бев уценет да бидам заштитен сведок во замена да немам кривична пријава. Требаше да читам лист хартија што ми беше даден. Одговорот мој беше и 100 години да ме судат немам намера лажно да сведочам ниту, пак, да местам луѓе. Тогаш ми рекоа ќе зажалиш. По еден месец ме уапсија, рече Ченто.