Оливер Спасовски и МВР вчера признаа дека компанијата „Дурмо турс“, која е и сопственик на станицата за технички преглед „Авто-мото здружение“- Гостивар, работела непрописно и со недостатоци во работењето, рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оливер Спасовски и МВР фатени живи се обидоа да ги излажат граѓаните дека извршиле увид на 4 април 2018 година и издале забрана за работење од 30 дена поради неисполнување на условите и чл. 8 од правилникот за технички преглед на возила. Според документот што стигна до нас, јасно покажува дека решението од МВР за забрана на работа е издадено на 16 јули, односно три и пол месеци подоцна.
Тука се поставува прашањето: Кога е извршен надзорот и увидот и дали можеби ако навистина МВР во април го извршиле увидот во станицата, чекале 3 и пол месеци за да издадат забрана за работа? Дали можеби и тие 3 и пол месеци се работело незаконски?
Самиот овој податок покажува дека МВР нешто крие. До кога ќе кријат и ќе лажат од МВР, додека ни гинат луѓе по автопатиштата?. Спасовски за ова мора да поднесе оставка уште веднаш!
Седум дена молк од страна на власта и надлежните органи за причините за катастрофалната несреќа во која животот го загубија 15 наши сограѓани. Спасовски и МВР цела недела не излегоа со јасни податоци кој е виновен за несреќата што ја зави државата и нас граѓаните во црно.
Граѓаните бараат одговори дали и зошто станицата за технички прегледи „Авто-мото здружение“- Гостивар, чиј сопственик е сопственикот на „Дурмо турс “, откако ѝ била одземена дозволата за работа од страна на МВР и била вратена за неполна недела, иако според закон тоа не можело да се случи за период пократок од 30 дена.
Спасовски и другите одговорни мора да сносат одговорност. Кој го потпишал решението за враќање на дозволата за работа, иако постоела сериозна законска пречка, но и дали се вршени регистрации во рокот кога техничкиот преглед немал лиценца?
Граѓаните очекуваат одговори наместо лаги. Спасовски и надлежните мора во најкус можен рок да излезат со комплетни детали за несреќата. Власта не смее да бега од одговори и одговорност“, порача Ѓорѓиевски.