По крајот на средбата помеѓу Ливерпул и Баерн Минхен камерите доловија некаква расправа помеѓу Јирген Клоп и Нико Ковач.
На почетокот тоа изгледаше како жестока караница, но и двајцата тренери потоа објаснија дека тоа било само недоразбирање и дека работите брзо се разрешиле.
Клоп кој изгледаше многу лут кога се поздравуваше со хрватскиот стратег истакна дека го чекал Ковач за да се поздрават, а тој прво заминал кај своите фудбалери.
– Нема никаков проблем. Сакав да се поздравам со Нико веднаш штом заврши натпреварот, а тој замина кај своите фудбалери. Мислев дека ќе се поздравува со целиот тим. Потоа се врати, а јас му кажав дека го чекам него, на што тој ми се извини. Му кажав дека немам проблем со тоа, а тој сакаше да се извини уште еднаш. И тоа беше тоа- коментираше тренерот на Ливерпул.
Ковач пак даде ист коментар за случајот, а во своја одбрана го посочи фактот дека во Германија тренерите прво се поздравуваат со играчите, а дури потоа со противничкиот тренер.
– Беше прилично интересно. Ние сме на англиско тло. Во Германија е нормално по крајот на натпреварот да се поздравиш со твоите играчи. Во Англија прво се поздравуваа тренерите. Го направив тоа што го правам во Германија, се извинив и завршивме со тоа. Кога ќе играме во Минхен ќе се поздравиме како што се поздравуваме во Германија- истакна Нико Ковач кој може да биде позадоволен од резултатот на средбата.