Aмериканскиот претседател, Доналд Трамп, вчера го забрани враќањето во САД на 24-годишната Хода Мутхана, која била дел од Исламска држава во Сирија, со аргумент дека тоа не е Американка, што нејзиниот адвокат веднаш го демантираше.
„Му дадов налог на државниот секретар, Мајк Помпео, и тој целосно се согласува да не се дозволи враќање на Хода Мутхана во земјата“, напиша Трамп на „Твитер“ веднаш по известувањето од министерот за надворешни работи во кое се вели дека таа нема американско државјанство.
„Таа нема никаква правна основа, ниту валиден американски пасош, ниту право на пасош, ниту, пак, каква било виза за да се врати во САД“, рече Помпео.
Сепак, адвокатот на девојката, Хасан Шилби, не го прифаќа овој аргумент и вели дека таа има американско државјанство.
„Таа имаше важечки пасош кога во 2014 година отиде во Сирија за да се приклучи на Исламска држава“, истакнал тој.
Шилби, сепак, рече дека можно е таа да го прекршила законот и доколку тоа е вистина тогаш треба да ја плати цената за таквата постапка.
„Но, ние не може туку така да лишиме од државјанство некој само зошто го прекршил законот. Тоа не е Америка“, изјавил Шилби.
Мутхана отпатувала за Сирија пред четири години за да се приклучи на ИД. Таа се омажила за борец на Исламска држава и преку „Твитер“ почнала да испраќа заканувачки пораки до Западот. Во интервју што неделава го даде од камп за бегалци во Сирија, таа рече дека жали за своите постапки и дека сака да се врати кај семејството во Алабама со својот мал син.