Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со експертот од ЕУ, Рајнхард Прибе, придружуван од амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар.
На средбата е изразена поддршка на политичкиот процес којшто заврши со Договорот од Преспа и ги отвори интеграциските процеси на Република Северна Македонија. Посебно е нагласена важноста од имплементација на реформите во правосудството и донесените закони, бидејќи, како што е констатирано, еден од важните аспекти, којшто покажува дали функционира една демократска држава, е независен, транспарентен и ефикасен правосуден систем. Заклучено е дека е потребна одговорност од сите во државата за да се обезбеди функционална правна држава.
Премиерот Заев соопшти дека постои свесност кај Владата и силна определба да се овозможат сите потребни услови за обезбедување правда и правичност за сите граѓани.
– Резултатите во економијата, по отворените интеграции во НАТО, стануваат видливи. Но, се согласуваме дека на земјата и требаат практични резултати во правосудството. Тоа значи имплементација на изгласаните закони и спроведување на потребните реформи што ќе им овозможат на правосудните органи да работат целосно независно, мотивирано, во достоинствени услови за работа. Потребно е сите во државата да го сфатат својот дел од одговорноста во овој процес. ЕУ очекува Република Северна Македонија да покаже резултати во функционирањето на правосудниот систем. Тоа е важно за датумот за преговори со ЕУ што го очекуваме во јуни. Но тие се важни и за граѓаните кои сакаат и заслужуваат да живеат во земја каде што функционираат правдата и правната држава и ќе направиме `се што e потребно за да ја осигуриме правната држава, рече премиерот Заев.
На средбата е заклучено дека е потребно успешно спроведување на претстојните претседателски избори за државата да може да го задржи фокусот на потребните реформи важни за евроинтеграцискиот процес.