Ако СДСМ продолжи со ова темпо да ги вработува ќерките, синовите, мајките, браќата, тетките, стрините и останатите роднини на високи позиции во државната администрација, просечната плата веројатно ќе продолжи да расте, но право пропорционално со тоа ќе осиромашуваат граѓаните и државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на Костадин Костадинов, кој кажа дека растот на платите во 2018 е највисок во последните 9 години.
Од опозициската партија сметаат дека платите во државата растат само за роднините на функционерите од власта, а за сите други паѓаат.
„Трошоците за живот од месец во месец се се повисоки, а граѓаните тоа го чувствуваат по нивниот џеб. Над 500 илјади граѓани живеат на прагот на сиромаштија и едвај врзуваат крај со крај, а власта ништо не презема“, се вели во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека државата оди кон дното, а власта само во последната година задолжила нови скоро половина милијарда евра, пари кои, како што велат, ќе треба да ги враќаат идните генерации.