Со Бугарија заеднички ќе ги одбележуваме цар Самуил, свети Климент и свети Наум. Согласноста била постигната на дводневната средба на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
„По долги дебати, заедничката комисија постигна согласност да даде препорака до владите на двете држави дека постојат доволно елементи за заедничко одбележување на св. Климент, св. Наум и цар Самуил, како мост за градење меѓусебни пријателски односи, во духот на Договорот за пријателство и добрососедство“, соопшти македонскиот тим од заедничката комисија.
Ова е четврта средба на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Комисијата беше формирана согласно Договорот за добрососедство меѓу двете земји.