Демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес поднесоа резолуција со цел да ја блокираат вонредната состојба, која ја прогласи претседателот Доналд Трамп, за да обезбеди средства за изградба на ѕидот долж американско-мексиканската граница.
Денешниот потег на демократите ја разгорува борбата, чиј резултат би можел да биде прво вето од Трамп, наведува АП. Претставничкиот дом ќе гласа за резолуцијата најрано следната недела.
Извесно е дека долниот дом, каде демократите имаат мнозинство, дека ќе ја усвои резолуцијата, а можно е истото да се случи и во Сенатот, откако неколкумина републикански сенатори најавиле дека ќе гласаат против декларацијата на Трамп.
Доколку Трамп потоа стави вето, за изгласување на резолуцијата ќе биде потребно двотретинско мнозинство во двата дома.
Ветото, најверојатно ќе опстои, но претстојната борба за него, ќе ја стави на тест републиканската поддршка за потегот на Трамп, за кој и некои негови сојузници велат дека е удар на контролата на пратениците над федералната потрошувачка.