Живата легенда на Манчестер Јунајтед, Гери Невил е на мислење дека при победа во големото дерби против Ливерпул, раководството на клубот сигурно ќе му додели постојан договор на привремениот тренер Оле Гунар Солскјер на крајот на сезоната.
Норвежанецот успеа да го крене клубот на нозе, откако тимот не личеше на себе при Жозе Мурињо. Но сега пред него доаѓа многу сериозен тест, имено големо дерби со крвниот непријател на „црвените ѓаволи” во лицето на „црвените” од „Енфилд”.
– Според мене Оле треба да добие постојан договор за она што го направи до моментов и искрено не гледам кој би се справил подобро од него. Играчите очајно сакаат тој да остане на чело на клубот, бидејќи под негово раководство се забавуваат и играат силно. Видете само како се претстават Рашфорд, Марсијал и особено Погба. Тој ја има поддршката на играчите, а тоа е најважното нешто. Според мене, ако Јунајтед го победи Ливерпул во претстојното дерби, ќе биде невозможно Оле да не добие нов договор и да не остане на чело на тимот, и по крајот на сезоната, објави Невил, цитиран од „Скај Спортс”.
Дербито на Премиер лигата се игра утре, од 15:05 часот на „Театарот на соништата”.