ЕУ и САД го усогласија текстот на договорот за решевање на косовското прашање што предвидува поделба на Косово и размена на територии меѓу Белград и Приштина, пишува германскиот весник „Франкфуртер Рундшау“.
Според весникот, документот насловен Договор за нормализација на односите би требало да биде потпишан од страна на високи претставници на Србија и Косово на 12 јуни во Вашингтон, а би стапил на сила шест месеци по потпишувањето.
„Франкфуртер Рундшау“ наведува дека со договорот кон Србија би се приклучил северниот дел на Косово, а кон Косово би биле „припоени местата во Србија кои претежно се населени со Албанци“.
Според весникот, Косовска Митровица би добила „специјален статус“, Газивода и Трепча „би биле приватизирани на 99 години и ставени под управа на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН“, додека Коридорот 10 во јужна Србија „би бил ставен под меѓународна заштита“.
„Франкфуртер Рундшау“ посочува дека Белград и Приштина се изложени на притисок кој постојано расте за да го прифатат ваквиот договор.