Единствена Македонија упати честитки до народот на Русија по повод 23 февруари – Денот на бранителот. Од партијата на Јанко Бачев велат дека овој празник е врежан во меморијата на рускиот народ и не случајно на овој ден цела Русија се сеќава на руските херои кои ја бранеле својата татковина.
„Сакаме да го увериме рускиот народ дека ние Македонците како пријатели и партнери на Вашата голема нација со која споделуваме заеднички вредности втемелени на традиционализмот, ќе продолжиме да ги подржуваме руските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за национален и религиски идентитет на нациите, правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот“, вели партијата во честитката.
Единствена Македонија додава дека придава исклучиво значење на стратегиското партнерство со Русија, а заложбата за неговото остварување претставува посебен интерес за нив, македонскиот народ и поголем дел од малцинствата во Република Македонија.
„Во нашите 28 години независност, Република Македонија се соочува со неоколонијалната политика на НАТО во содејство со домашните марионетски власти со изгубено национално чувство. Затоа, народот на Македонија е особено благодарен на Русија за почитување на светото македонско име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ“, се додава во честитката на партијата.