Собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во 18 часот ќе ја продолжи расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски, откако попладнево по час ипол работа, повторно е дадена пауза.
И во текот на попладневното продолжение имаше препукувања околу оправданоста на поранешниот претседатал на Собранието да му се одземе имунитетот. Членовите на Комисијата од опозицијата посочија дека станува збор за политички прогон и негодуваа дека Комисијата одлучува само врз основа на барањето на судот. Истакнаа дека Вељановски со своето однесување не применува постапки кои би укажале дека треба да биде притворен.
Од владеачката коалиција се со став дека Комисијата постапува само по барање на судот.
Жалина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека 27 април е голгота за целата држава и дека мора пратениците да разговараат отворено.
– Тој ден нашите животи беа загрозени. Делото е неосновано по сите основи. Мерката притвор се злоупотребува, истакна Пешевска. Според неа, законот е контрадикторен и во иднина треба да се интервенира бидејќи, како што рече, се приведуваат пратеници, се прават претреси по куќи и се создава општество со изопачена перцепција. Таа повика да не се одзема имунитетот на Вељаноски и тој да се брани од слобода. Додаде дека овие постапки се начин да се девалвира функцијата пратеник.
Заменик претседателката на Комисијата Снежана Калеска – Ванчева во реплика на излагањето на Пешевска рече дека токму тоа што 27 април бил голгота за државата и било посегнато по животите на пратениците, е причина што овој парламентарен состав расправа за одземање на имунитет.
– Треба да се откријат организаторите и тие да бидат изнесени пред лицето на правдата. За осуда е тоа што се случи, рече Калеска – Ванчева и додаде дека судската власт ќе оцени дали има можност за поведување постапка.
Според Деловникот за работа, Комисијата, која вчера ја почна расправата, треба да крајот на денов да го разгледа барањето на судот и извештајот да го достави до претседателот на Парламентот. По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница, а одлуката за одземањето на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници.