Руската државна телевизија посочи американски воени објекти, кои би биле на мета на Москва во случај на нуклеарен напад, при што е наведено дека хиперсоничните кои Русија ги развива, би можеле да ги погодат целите за помалку од пет минути.
Меѓу целите се Пентагон и претседателската резиденција во Кемп Дејвид, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Извештајот, кој британската новинска агенција го карактеризира како необичен, дури и за агресивните стандарди на руската државна телевизија, е емитуван вчера, неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е подготвена за криза од типот на „кубанските ракети“, доколку тоа го сакаат САД.
Тензијата се зголемува поради руските стравувања дека САД би можеле да распоредат нуклеарно оружје со среден дострел во Европа, во моменти кога пропаѓа договор за контрола на вакво оружје кој датира од периодот на Студената војна. Путин рече дека Русија ќе биде принудена да одговори со поставување хиперсонични нуклеарни проектили на подморници во близина на американските води.
САД тврдат дека тие немаат итни планови за распоредување на ракети во Европа, отфрлајќи го предупредувањето на Путин како неискрени пропаганда и наведувајќи дека во моментов немаат нуклеарни проектили со среден дострел кои би можеле да ги постават во Европа.