Звиздиќ: БиХ ги исполни сите услови за статусот кандидат за ЕУ

Советот на министри на Босна и Херцеговина го заврши комплексниот процес на одговарање на дополнителните прашања од Прашалникот на Европската комисија, со што БиХ ги заврши своите обврски за добивање кандидатски статус, изјави денеска босанскиот премиер Денис Звиздиќ.

– Одговоривме на сите 3.897 прашања на 23.000 страници и тие денеска ќе бидат упатени во Брисел, соопшти Звиздиќ.

Според него, целта била преку одговорите да се даде комплетен политички, економски, правен и социјален статус на БиХ.

Звиздиќ нагласи дека БиХ можела и побрзо да одговори на Прашалникот, но во одредени фази немало политичка волја за тоа.

– Можам оптимистички да кажам дека БиХ, без оглед на деструкциите, ќе биде полноправна членка на ЕУ, рече претседавачот на Советот на министри на БиХ.

Звиздиќ вели дека сега кандидатскиот статус веќе не зависи од БиХ, но додаде дека се надева оти пријателите на земјата ќе ја сфатат важноста таа да добие статус на држава кандидат за членство, имајќи ги предвид турбуленциите на Западен Балкан.

– Тоа би била најдобра порака за инвеститорите, но и за младите луѓе. Се надевам дека тоа ќе се случи оваа година, изјави Звиздиќ. 

Треба да знаете
Последни објави