Mинистерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Министерството за одбрана се сретна со својата албанска колешка, Олта Џачка, која за прв пат е во официјална посета на земјава.
Како што информираат од министерството за одбрана, Шекеринска потенцирала дека земјите од регионот покажале оти знаат да соработуваат, знаат да се почитуваат и дека знаат во најважните моменти да си дадат целосна поддршкa.
Република Албанија тоа го направи со континуираната поддршка за нашето членство во НАТО Алијансата, но и со извонредно брзата реакција кога на 14. овој месец, како третата земја, веднаш по Грција и Словенија, го ратификува Пристапниот протокол, за пристапување на Северна Македонија во НАТО Алијансата. Така постапуваат само добрите пријатели и добри сојузници и бидете сигурни дека тоа го цениме и дека тоа го паметиме“, рекла министерката.
Џачка во својата изјава кажала дека потпишувањето на протоколот за членство во НАТО е еден многу важен момент, а со тоа, целиот регион ќе биде побезбеден, постабилен и на иднината ќе може да гледа со повеќе оптимизам.
„Албанија, стабилноста и безбедноста на Република Северна Македонија ја гледа како еден главен услов за безбедност на целиот регион, а нашата поддршка во овој голем процес беше една од главните стратешки цели. Тоа е причината поради која Албанија го ратификуваше протоколот за членство во НАТО и тоа е причината поради која ние Албанците, но и сите кои што сакаат стабилност и развој на регионот, добрите можности на соседите ги гледаме на тој начин“, рекла албанската министерка за одбрана.
Од надлежното министерство информираат дека за време на средбата двете делегации разговарале за подобрување на меѓусебната соработка во областа на одбраната, заедничкиот придонес во мировната мисија „Одлучна поддршка“, учество во иницијативата САД – Јадранска соработка и учеството на припадниците на нашата Армија на мултинационалната вежба која годинава ќе се одржи во Албанија.