Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вечерва се сретна со делегација од Босна и Херцеговина, предводена од Жељко Комшиќ, член на Претседателството на БИХ.
Поздравени се храбрите политики на премиерот Заев со коишто е постигнат Договорот од Преспа, низ визија, храброст и мудрост, што ги отвори НАТО перспективите за Република Северна Македонија, а е изразено очекување дека нашата држава во јуни ќе ги почне и преговорите со ЕУ. Исто така, оценето е дека постигнатиот Договор, освен за односите меѓу двете земји и за самите држави, ефект има и во регионот, бидејки испраќа порака дека од речиси невозможни политички ситуации, можни се позитивни решенија.
-Решението на билатералниот спор со Грција донесе бенефит на економски план, бидејки порасна бројот на инвеститори заинтересирани за инвестирање во Република Северна Македонија, а меѓу нив има и заинтересирани грчки инвеститори. По НАТО интеграциите, што значат стабилност и безбедност, работиме на тоа да ги исполниме сите услови што ќе овозможат почеток на преговорите на нашата држава со ЕУ во јуни, рече премиерот Заев.
На средбата е констатирано дека Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина немаат отворени политички прашања, што е голема можност за унапредување на соработката, посебно во делот на зголемувањето на трговската размена и економијата. Договорено е да се работи поинтензивно на тој план.
Премиерот Заев се заблагодари на делегацијата од Претседателството на БИХ којашто е во посета на нашата држава и ќе присуствува во Скопје на одбележувањето на 15-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на неговата делегација.