Сирискиот претседател Башар ал Асад, кој е во службена посета на Иран, се сретна со иранскиот претседател Хасан Рохани и со иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамени.
Ова е едно од неговите ретки патувања во странство од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.
Ајатолахот Хамени на состанокот со Ал Асад изјави дека Иран е горд со тоа што и помага на сириската Влада и на народот, објави иранската новинска агенција ИРНА.
За време на состанокот, Хамени истакнал дека „клучот за успехот за пораз на Соединетите Американски Држави и нејзините регионални агенти во Сирија е упорноста на претседателот (Ал Асад) и народот на таа земја”.
Како што јавува ИРНА, тој предупредил и на идни непријателски заговори.
Повикувајќи на натамошни посети на ирански и сириски функционери, иранскиот врховен лидер ја нагласил потребата за презентирање на духот на отпорот на сирискиот народ.
Асад се заблагодарил на Иран за неговата доследна поддршка на Сирија.
Ова е прво патување на Ал Асад во Иран во последните осум години. Минатата година тој беше во Русија каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, во Сочи.