Османи: Естонија е пример за успешна европска приказна кон која се стреми и земјава

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со заменик министерот за европски прашања на Република Естонија, Мати Маасикас кој е во работна посета на земјава.

Османи изрази благодарност до својот соговорник за континуираната поддршка од неговата земја за аспирациите за членство во Унијата на нашата земја, но и благодарност за тоа што Република Естонија е земја промотор на процесот на проширување на ЕУ.

„Естонија претставува успешна европска приказна, модел од кој Северна Македонија стекнува важни искуства, и чија континуирана поддршка има особено значење за нашите европски интеграции“, истакна Османи. Тој ја презентираше динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Очекуваме уште подобар Извештај за напредокот на земјата кој ќе го рефлектира реформскиот моментум во земјата, заедно со уште една препорака која ќе претставува основа за конфирмација на одлуката на Советот на ЕУ во Јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија“, додаде Османи, при што побара директна поддршка од својот соговорник во клучниот период кој ни претстои.

За време на средбата соговорниците се осврнаа и на билатералната соработка помеѓу двете земји изразувајќи согласност дека истата ќе продолжи и во иднина, имајќи ја предвид важноста од оваа помош во клучниот период кој ни претстои.

Треба да знаете
Последни објави