Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната средба упати благодарност на членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, за неговата посета и искажана почит во однос на одбележувањето на 15-годишнината од трагичниот настан кај Мостар, во кој животот го загуби претседателот, Борис Трајковски.
Тој изрази задоволство од досегашните одлични пријателски односи меѓу двете земји кои се во постојана нагорна линија и каде што нема отворени прашања и воедно изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, како на политички, така и на економски план, при што ја искористи можноста да упати покана до своите колеги од Парламентот на БиХ за интензивирање на парламентарната соработка на сите нивоа.
„По успехот со потпишувањето на пристапните протоколи за НАТО, очекувам дека во јуни оваа година имаме голема шанса да добиеме и датум за пристапни преговори со ЕУ“, истакна претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Џафери.
Членот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, се заблагодари за средбата со претседателот Џафери и упати честитки за големиот успех кој го постигнавме како држава и истакна дека начинот со којшто го постигнавме Договорот со Република Грција ја става Република Северна Македонија на пиедесталот на земја која е пример кој сите останати земји во регионот го наведуваат како модел за решавање на отворените прашања, потенцираше Комшиќ.
Тој, исто така, ја потенцираше важноста од зајакнувањето на економската и трговска соработка меѓу двете земји и изрази надеж дека оваа соработка ќе се интензивира во иднина, при што искажа очекување дека за Босна и Херцеговина размената на искуства со нашата земја на планот на ЕУ и НАТО интеграциите е повеќе од добредојдена.